ЈАДРО – асоцијација на независната културна сцена е непрофитна, инклузивна, партиципативна и застапувачка платформа која се стреми да го зајакне независниот културен сектор и неговото влијание врз креирањето и практикувањето на културните политики, со цел да ги поттикне процесите на демократицација во културата и пошироко, во општеството и во граѓанскиот сектор.

Главните активности на оваа платформа, во која се здружуваат организации, поединци и неформални групи, ќе бидат насочени кон обезбедување поширока видливост и општествена релевантност на независниот културен сектор преку континуирана застапеност на програмски активности, застапување за стабилен развој на секторот, јакнење на неговото влијание во социо-културниот контекст, развој на алтернативни културни практики на национално, локално и регионално рамниште.

ЈАДРО има цел да прерасне во про-активен учесник во социо-културнитe процеси и ќе придонесе во пошироката развојна динамика на демократизација на општеството и на јавната сфера.

Преку платформата ќе се стимулира култура како постојан процес на динамични, хетерогени идеи, идентитети и формати на уметничко изразување.

Наша задача е да бидеме будни и јасно и смело да се обидуваме да укажеме на нужноста од критичко промислување на социо-културниот контекст и на нужноста за демонополизација на културата и уметноста чија судбина зависи од мал број луѓе кои ја имаат моќта на одлучување.

Наша одговорност е да не дозволиме манипулација и карневализација на социо-културниот јавен простор. Конструктивно ќе укажуваме на аномалиите и на можните решенија и модели за подоброување на ретроградните читања на културата и борба за достоинствен, праведен и солидарен простор на дејствување на независниот културен сектор во Македонија.

ЈАДРО на јадровите начин ќе застане на браникот на слободното, одговорно и критичко промислување и дејствување во јавната сфера.

Ве повикуваме да се приклучите и заеднички да се обидеме да создаваме нови траектории на културната мапа во општетсвото.